Primary tabs

[(o^o)] Уметност и револуција - предавање и разговор / Gerald Rauning / 13.05. во 20h / Културен центар ЦК, Скопје

Podaci: 

четврток, 13.05. почеток 20.00
Културен центар ЦК,
бул. Илинден 38, Скопје

Предавање и разговор
со
Гералд Рауниг
на тема Уметност и револуција

 

Контрапункт (Културен центар Точка) ве повикува заедно да го проследиме предавањето придружено со отворената дискусија, на еден од најзначајните теоретичари на ова време, Гералд Рауниг.

 

Предавањето на Гералд Рауниг, насловено како „Уметност и револуција“, реферира на неговото истоимено дело, кое претставува алтернативна историја на уметноста на „долгиот дваесетти век“. Во неговото предавање ќе биде опфатен периодот на потреси во општеството и во уметноста во еден долг историски пресек, од времето на Париската комуна во 1871 година до турбулентните алтер-глобалистички протести од Џенова во 2001 година.

 

Внимателно, со специфична методологија и искуство не само на врвен теоретичар туку и на активист, Рауниг движејќи се од акциите и дејствувањето на Ситуационистите и Сергеј Ејзенштајн до Виенскиот активизам, ги прикажува аспектите на револуционерната трансгресија и на оптимистичкото придвижување во однос на нејзината поставеност низ периодот на нејзините успеси и катастрофи.
Реферирајќи на идејата на Жил Делез и на Феликс Гатари за „машините“, Рауниг ја проширува пост-структуралистичката теорија на револуцијата врз експлозивите врски меѓу уметноста и активизмот.

 

Ваквиот аспект е особено важен за нас во мигов, кога постои обид за артикулација во однос на (зло)употребата на уметноста во политички цели.
Рауниг преку своите ставови за односот револуција-уметност се обидува да ги поттикне новите генерации уметници, теоретичари и промислувачи на општествените феномени, да одбијат да учествуваат во застарениот и истоштувачки поредок на пазарот и да се потчинуваат на секој вид авторитети, особено на оние во чии раце е политичката моќ. Наместо тоа предлага тие да се обидат да создадат радикално поинаков метод на општествен ангажман и дејствување.

 

Рауниг развива суштински и витален современ метод на политичка промена – метод со кој се надминуваат застарените формулации на отпор и бунтовништво. Според Рауниг, низ историјата, премногу крв и мастило се пролеани за да се сочуваат одделени „машините на уметноста“ и „машините на револуцијата“.

 

Убедени сме дека оваа средба со Гералд Рауниг ќе отвори многу прашања, но и дека ќе даде одговори на веќе силно започнатите дебати кај нас на оваа тема.

 


Гералд Раунинг е филозоф, теоретичар на уметноста, а поле на неговиот интерес и истражување се политичката естетика и културните политики. Работи во Европскиот институт за прогресивни културни политики. Координатор е на транснационалниот истражувачки проект raublicart (www.republicart.net), transform (www.transform.eipcp.net), Creating Worlds (www.creatingworlds.eipcp.net), предава на Институтот за филозофија, при универзитетот во Клагенфурт.

 

Уредник е и коуредник на многу списанија од областа на теоријата, филозофијата, уметноста како и на журналот за радикални демократски културни политики Kulturrisse.

 

(o^o)(o^o)(o^o)(o^o)(o^o)(o^o)(o^o)(o^o)(o^o)(o^o)(o^o)(o^o)(o^o)(o^o)(o^o)(o^o)(o^o)(o^o)

 

Предавањето е во рамките на проектот Расшколувано знаење (o^o), кој е партнерски проект на Контрапункт (Скопје) и ТкХ (Белград), а е поддржан од Швајцарска програма за култура за Западен Балкан (http://scp-ba.net).